Најновите податоци од истражувањето за иновативните активности на македонските претпријатија објавени од Државниот Завод за Статистика на 15.04.2020, собрани според методологијата на Европската Унија (Community Innovation Survey) за периодот 2016-2018 та година укажуваат дека високите трошоци поврзани со воведувањето на иновациите и немањето на финансиски средства за истото продолжуваат да бидат најголемата пречка за иновативните активности на македонските претпријатија.
Истражувањето се спроведува на мали, средни и големи претпријатија кои работат во тесен круг на индустриски сектори, и кои имаат повеќе од 10 вработени. Овие претпријатија во периодот од 2016-2018 та година биле 3198, додека од нив 55% пријавиле воведување на нова иновација. Од претпријатијата кои вовеле иновации, дури 55% вовеле иновација на производ и процес, 26% вовеле иновација само на нов процес, додека околу 17% вовеле иновација на производ/услуга. Најмногу иновации се бележат во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (89.5 %), потоа Маркетинг (реклами и пропаганда) и истражување на пазарот (78.1 %), Информации и комуникации (77.5 %), а најмал процент на иновации се бележат во секторот Научно истражување и развој (23.5 %).
Претпријатијата кои вовеле нов процес, а кои се најмногубројни, најмногу вожиле во нови методи за распределба на активностите, донесување на одлуки и управување со човечките ресурси.
Типот на инвестиции ги потврдуваат овие активности на иновативните претрпијатија. Повеќе од 75% од претпријатијата кои имале иновативни активности вложиле во развивање на софтвер, работа со бази и аналитика.
Значителен дел од претпријатијата кои имале иновативни активности укажале дека регулативите и законодавството позитивно влијаеле врз нивните иновациски активности во периодот 2016-2018, најмногу во делот на вработувањето, а потоа и во делот на животната средина.
Најголемите пречки за воведување на иновации во македонските претрпијатија се уште се високите трошоци поврзани со воведувањето на иновациите и немањето на финансиски средства за истото.
Истражувањето во Северна Македонија го спроведува Државниот Завод За Статистика. Наодите можете да ги видите на слениот линк.