Во рамките на проектот MKSafenet, на 21 мај 2025 година, Центарот за управување со знаење го посети ОУ „Киро Глигоров“ – Центар, Скопje. 

Андријана Богдановска Ѓ, Бисера Смилевска и Јулиус Франк од Центарот за управување со знаење спроведоа две информативни сесии за ученици и наставници од ова училиште.

Главната цел на овие едукативни активности беше подигнување на свеста кај децата и младите и наставниот кадар за значењето на побезбедното користење на интернет, препознавање и справување со сајбер насилство, интернет ризиците како и поттикнување на одговорно дигитално однесување.

Во време кога дигиталните алатки се сè поприсутни во секојдневниот живот и образованието, навремената едукација на децата и младите како и на наставниците во училиштата за потенцијалните ризици и одговорностите при користење на интернетот е клучен чекор кон создавање на побезбедна и поддржувачка онлајн средина. 

Сесиите беа организирани на интерактивен начин, со што учениците имаа можност да споделат сопствени искуства, да поставуваат прашања и да дискутираат за теми кои директно ги засегаат. Наставниците, пак, добија корисни информации и алатки кои можат да ги применат во секојдневната работа со учениците, со цел подобро да ги препознаваат ризиците и да делуваат навремено.  

Центарот за управување со знаење (ЦУЗ) во рамки на проектот MKSafenet ќе продолжи со спроведување на активности насочени кон унапредување на дигиталната писменост и подигнување на свеста за безбедноста на интернет во основните и средните училишта низ државата.

Веруваме дека преку едукативен пристап, институционална соработка и ангажман на сите засегнати страни, ќе придонесеме кон создавање на побезбедна, поинформирана и поодговорна дигитална заедница за децата и младите во Република Северна Македонија.