На 16 мај (петок) 2025 година, Центарот за управување со знаење (ЦУЗ), во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), реализираше едукативна посета на три училишта во Општина Шуто Оризари.

Посетени беа основните училишта „26 Јули“ и „Браќа Рамиз и Хамид“, како и средното училиште СУГС „Шаип Јусуф“ и опфатени преку 300 ученици.

Оваа активност се одвиваше во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет, кој има за цел подигнување на свеста за безбедноста на интернетот меѓу младите. За време на посетата, на учениците им беа претставени едукативни материјали и интерактивни презентации кои ги обработуваат клучните теми поврзани со безбедното и одговорно користење на дигиталните технологии.

Учениците имаа можност активно да се вклучат во дискусиите, да поставуваат прашања и да добијат совети за тоа како да се заштитат од сајбер закани, онлајн измами, злоупотреба на лични податоци и други ризици кои демнат во дигиталниот свет. Презентациите беа прилагодени на возраста и интересите на учениците, со цел да се обезбеди подобро разбирање на содржината и поголема мотивација за практична примена.

Наставниците и директорите на училиштата изразија благодарност за иницијативата и ја истакнаа важноста на ваквите активности, особено во заедници каде што дигиталната писменост и пристапот до информации се предизвик. Претставниците на ЦУЗ и ФИНКИ, пак, истакнаа дека ваквите теренски активности се суштински за приближување на темата до младите и охрабрување на позитивни дигитални навики.

Центарот за управѕување со знаење (ЦУЗ) продолжува со својата мисија за едукација и заштита на децата и младите во онлајн просторот, преку соработка со образовни институции, локални заедници и експерти од областа на сајбер безбедноста. Оваа посета претставува само еден чекор во пошироката стратегија за изградба на побезбедна и посвесна дигитална иднина за сите.