Според податоците на Државниот завод за статистика, од јануари 2017 година, широкопојасен пристап на интернет (преку фиксна или мобилна конекција) имале 91.2% од деловните субјекти со десет или повеќе вработени. Пристап на интернет преку пренослив уред, употребувајќи мобилна телефонска мрежа (3G/4G), имале 63.0% од деловните субјекти. Ваков тип мобилна поврзаност на интернет (преку преносливи уреди: ноутбук, лаптоп, смартфон, телефон PDA итн.), за деловна намена, користеле 14.5% од вработените во деловните субјекти. 54.2% од деловните субјекти користеле социјални медиуми (на пр., Facebook, LinkedIn, Twitter, Present.ly, YouTube, Flickr, Picassa, алатки Wiki итн.), односно имале кориснички профил, сметка или лиценца за користење одреден социјален медиум.
Околу 49% од деловните субјекти имале веб-страница или почетна страница, од нив, 80% на веб-страницата имале обезбедено опис на производите/услугите, ценовници, 59% имале наведено линкови/референции до нивните профили на социјалните медиуми, а 21% обезбедиле онлајн нарачување, резервирање. Во текот на 2016 година, 10.3% од деловните субјекти со 10 или повеќе вработени, имале е-трговија, односно купувале или продавале стоки или услуги преку компјутерски мрежи (преку веб или EDI), е-продажба реализирале 6.0%, а е-купувања имале 5.8% од деловните субјекти.