Во рамки на вториот транснационален состанок од проектот URBANFLOODS, кој се одржа во Ријека, Хрватска, Центарот за управување со знаење (ЦУЗ), заедно со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), ги презентираа наодите од Крива Река како пилот-подрачје избрано за имплементација на проектни активности во Република Северна Македонија.

Крива Река е идентификувана како критична локација во рамки на општина Крива Паланка, поради нејзината подложност на поплави и изразената потреба од систематски и интегрирани мерки за управување со климатските ризици. Во таа насока, предвидени се активности насочени кон:

🔹 Мапирање и анализа на пилот-локацијата
🔹 Примена на природно-базирани и технолошки решенија
🔹 Развој на системи за следење, управување со податоци и рано предупредување
🔹 Активно вклучување на локалната заедница, како и релевантните локални и национални чинители

Во рамки на состанокот беа сумирани наодите од националната анализа и првата национална работилница, реализирана со учество на претставници од локалните и националните институции и организации од Северна Македонија.

Презентирањето на наодите за пилот локацијата - Крива Река пред партнерите од осум земји беше дел од поширокиот процес на размена на искуства, добри практики и иновативни пристапи во справувањето со ризиците од поплави и климатски промени. Целта е зајакнување на отпорноста на заедниците низ целиот Јадранско-јонски регион.

Преку ваквата регионална соработка, Северна Македонија активно придонесува кон креирање на одржливи и отпорни заедници на регионално ниво.
Центарот за управување со знаење (ЦЗУ) продолжува активно да работи на креирање и спроведување на иновативни решенија за климатска отпорност и одржлив локален развој.