Гордост за Северна Македонија: Тимот од СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани го освои второто место на престижниот интернационален натпревар POPRI!

Со особена радост и чувство на гордост објавуваме дека тимот од Средното општинско училиште СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, составен од Сара Николова, Велинчо Ќитанов, Матеа Саздова и Миа Андреева, под менторство на професоркaта Роза Неделкова Војновска, ја претставуваше Република Северна Македонија на престижниот интернационален натпревар POPRI International Youth Business Model Competition, кој се одржа на островот Крит, Грција.

Тимот се натпреваруваше со својот иновативен проект RIСONIC – решение во областа на еколошкото чистење и одржливиот начин на живеење, чија цел е да понуди практична и ефикасна алтернатива за намалување на загадувањето и поддршка на еко-свесните практики. Благодарение на нивната посветеност, визија и одлична презентација, тимот го освои второто место, постигнувајќи извонреден успех на меѓународно ниво, во конкуренција со врсници и млади претприемачи од бројни европски земји.

Проектот RIСONIC е резултат на долг и интензивен процес на истражување, развој и тестирање, во кој учениците работеа со ентузијазам и иновативен дух, под внимателно водство на професорката Неделкова Војновска и со стручна поддршка од тимот на Центарот за управување со знаење (ЦУЗ). ЦУЗ активно придонесе во развојот на бизнис моделот, подготовката за финалната презентација и целокупната стратегија за претставување на натпреварот.

Овој значаен успех претставува јасна потврда за креативниот потенцијал, знаењето и претприемачкиот дух на младите луѓе од нашата земја, но и мотив повеќе да продолжиме со вложување во нивниот развој, образование и поддршка на иновациите.

Како дел од освоената награда, тимот ќе ја посети Приморскиот Технолошки Парк во Нова Горица, Словенија, каде ќе имаат можност да се сретнат со потенцијални соработници и инвеститори, како и да ги унапредат своите знаења, мрежи и можности за реализација и комерцијализација на проектот RIСONIC.

Искрени честитки до целиот тим за нивната истрајност, иновативност и блескава претстава на национално и меѓународно ниво! Ваквите приказни се доказ дека кога младите добиваат поддршка и простор за развој, тие можат да постигнат навистина големи работи.

Напред RIСONIC! Напред млади иноватори!