Министерството за образование и наука го објави новиот предлог на Закон за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво.

Со истиот се предвидува воспоставување на една современа правна рамка со цел поттикнување на иновациите, научно-технолошкиот развој и претприемничките иницијативи во Република Северна Македонија.

Со донесување на овој закон се оовозможува да се создаде ефикасен и функционален национален иновативен систем кој ќе даде подобра координација помеѓу науката, бизнисот и јавните институции, како и поголема поддршка за микро, малите и средните претпријатија. Новата рамка вклучува и основање на Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, која ќе биде централно тело задолжено за спроведување на програмите, финансирањето и следењето на резултатите од иновациската дејност. Законот, исто така, предвидува формирање на Совет за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, како и воспоставување на мрежа од инфраструктурни субјекти – технолошки паркови, акцелератори, инкубатори и центри за трансфер на технологии. Дополнително, се воспоставува и единствена електронска база на податоци за иновациска дејност, со цел зголемена транспарентност и ефикасно управување со мерките за поддршка.

Со донесувањето на овој закон се очекува да се зајакне конкурентноста на економијата, да се поттикне примена на иновациите и новите технологии и да се овозможи поефикасна соработка помеѓу академскиот, деловниот и јавниот сектор.


Повеќе информации за предлог-законот може најдете на следниот линк:
https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=110591