Македонија е на осумдесетото место на светската листа на УНДП за човечки развoj. За разлика од минатата година, тоа е раст од две места, иако по нивото земјава и натаму останува последна меѓу соседите во категоријата “висок општествен развој“ на Балканот.
Според извештајот на УНДП, Human Development Indices and Indicators пред нас се сите земји од регионот, вклучувајќи ги и Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, Албанија кои ја престигнаа Македонија на листата.
Благиот раст од само две места е поврзан со проблемот на сиромаштија и квалитетот на живот со кои се соочува Македонија.Земјата е ставена пред предизвик да оствари економски раст, но во исто време, да ја намали сиромаштијата и да го зголеми квалитетот на живот на нејзините граѓани. Показателите за животен стандард во земјата укажуваат на постепено зголемување на индексот на човечки капитал, намалување на нерамномерната распределба на приходите и намалување на стапката на сиромаштија.
Од друга страна пак, податоците посочуваат на варирање на процентот на БДП и БДП по жител, но кои промени не влијаат врз зголемувањето на рангот. Дополнително, сиромаштијата и невработеноста влијаат на социјалната исклученост. Поради овие фактори, денес во земјата младите, се потешко се решаваат да склучат брак или пак да се одлучат за повеќе деца, додека државата се соочува со намалување на наталитетот и стареење на популацијата.
И во однос на родовата еднаквост земјата не бележи значителен напредок. Според вредноста на индексот за родова еднаквост Македонија е на 97-тото место (група 3) и е последната меѓу соседните земји. Од друга страна, според идексот за родова нееднаквост земјата бележи благ пораст и подобри услови во категориите за репродуктивно здравје, еманципација и учество на пазарот. Женското учество на пазарот на трудот во 2017 изнесува 42,5 проценти споредено со 67,6 за мажите.
Квалитативното и квантитативното подобрување на човечкиот капитал ќе го поттикне развојот на човечките ресурси, кое ќе води кон повисок раст и развој и поголема национална конкурентност на меѓународно ниво. За таа цел неопходно е надминување на утврдените слабости:
- ниската вработеност и долгогодишната невработеност како и зголемување на невработеноста на загрозените групи на пазарот на труд (етничките малцинства, жените, лицата со посебни потреби, и младите) и нивната изложеност на социјално исклучување
- несовпаѓање помеѓу релевантните образовни профили и потребите и побарувањата на пазарот на трудот; и
- рано напуштање на училиштето, незадоволително ниво на писменост меѓу возрасните, како и се уште ниското финансирање на активните политики за вработување.
Извор: Human Development Indices and Indicators, 2018