Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 169 098 440 илјади денари и бележи пораст од 13.4 % во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 225 60 248 илјади денари, што е за 10.8 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 56 561 808 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 74.9%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав. Во периодот јануари – јуни 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – јуни 2018 година, изнесува 2 748 191 илјада евра и бележи пораст од 13.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3 667 522 илјади евра, што е за 11.0 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари - јуни 2018 година, изнесува 919 332 илјади евра.