Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 196 628 850 илјади денари и бележи пораст од 14.0% во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 266 634 168 илјади денари, што е за 9.8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-август 2017 година, изнесува 70 005 319 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-август 2017, изнесува 73.7%.
Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари- август 2017 година, изнесува 3 191 856 000 евра и бележи пораст од 14.1% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4 328 869 000 евра, што е за 9.9% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари- август 2017 година, изнесува 11 137 013 106 евра. Трговскиот дефицит е намален за 0.55% во 2017.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија. Во периодот јануари-август 2017 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.