На 1-ви септември 2024 година, Центарот за управување со знаење, во улога на проектен партнер, ја започна имплементацијата на проектот “Центар за безбеден интернет за деца и младинци – MkSafeNet”, чиј координатор е Министерството за дигитална трансформација, со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата за Дигитална Европа.

Проектот има за главна цел да воспостави Национален центар за безбеден интернет за деца и младинци, следејќи ги европските практики и практиките на земјите во регионот, притоа адресирајќи го недостатокот на таков ресурс во земјата. Во согласност со целите на ЕУ, во рамки на програмата Дигитална Европа, иницијативата се фокусира на подобрување на дигиталната безбедност на децата и младите.

MkSafeNet ќе се реализира во текот на наредните 18 месеци и ќе вклучува студија со акциски план за конкретни обврски на секој од засегнатите чинители, формирање на центар за подигнување на свесноста од заканите на интернет, телефон за помош (Helpline), младински панел и советодавен одбор. Проектот е целосно усогласен со EU Digital Services Act и стратегијата Better Internet for Kids (BIK+), што дополнително ја приближува земјата кон европските стандарди во дигиталната сфера.

Центарот за безбеден интернет ќе располага со база на едукативни ресурси,прилагодени и достапни за деца и млади, што ќе овозможи лесна достапност. Предвидени се кампањи, бројни работилници, посети на училишта и јавни настани за поттикнување на дигиталната писменост. Состојбата со безбедноста на децата во интернет просторот во ЕУ се следи системски во изминатите 10 години преку „Мониторинг извештајот за подобар интернет за деца“. Главната цел e да се споредат и разменат знаења за политиките и активностите коишто ја промовираат безбедноста и благосостојбата на децата во дигиталната средина врз основа на препорачаните мерки од Европската стратегија за подобар интернет за деца (стратегијата БИК).

Проектот го реализира партнерство од повеќе македонски институции и организации.

  1. Министерство за Дигитална Трансформација - координатор
  2. Центар за управување со знаење (ЦКМ)
  3. Универзитет Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултет за компјутерски науки и инженерство (УКИМ)
  4. Универзитет на Југоисточна Европа во Скопје (ЈИЕУ)
  5. Универзитет „Св. Климент Охридски“ Универзитет во Битола, Факултет за информатички и комуникациски технологии (УКЛО)
  6. Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје (МАГМА)
  7. Иницијатива за сајбер безбедност, корпоративна безбедност и управување со кризи (C3I)
  8. ИМПЕТУС – Центар за Интернет развој и добро владеење (CIDGG)
  9. Првата детска амбасада во светот – Меѓаши
  10. Институт за дигитализација, економија и иновации (ИДЕИ)
  11. НЕЕТИНГ
  12. Биро за развој на образованието (БРО)
  13. Vvir Company (VVIR Associated)