Инфо-сесии за побезбедно користење на интернет: Проектот MKSafeNet-Центар за побезбеден интернет во СУГС „Георги Димитров“ – Скопје

На 27 мај 2025 година, во рамки на проектот MKSafeNet, Центарот за управување со знаење (ЦУЗ) реализираше посета на СУГС „Георги Димитров“ во Скопје.

Претставниците на Центарот – Ана Секуловска, Андријана Богдановска Ѓ, Бисера Смилевска, и Јулиус Франк – спроведоа две информативни сесии наменети за учениците и наставниците.

Главната цел на инфо сесии беше поттикнување на безбедно, одговорно и свесно користење на интернетот кај учениците и наставниците. Преку овие активности, се стави акцент на важноста од заштита на личните податоци, препознавање на манипулативни и штетни содржини, како и справување со ризици како сајбер насилство, дигитално вознемирување и онлајн измами.

Во ера кога интернетот е неизбежен дел од секојдневниот живот и образовниот процес, клучно е младите да бидат едуцирани за правилна и безбедна дигитална комуникација. Токму затоа, ваквите сесии спроведени од ЦЗУ имаат за цел да ја изградат дигиталната писменост и критичкото размислување кај учениците, но и да ги поддржат наставниците со практични насоки и алатки за едукација и превенција.

Интерактивниот пристап овозможи отворена дискусија, споделување искуства и изнаоѓање заеднички решенија за побезбедно користење на интернетот. Учениците добија можност да ги препознаат опасностите и да научат како да се заштитат, додека наставниците беа поттикнати да ги интегрираат овие теми и алатки со цел да ги препознаваат ризиците и да делуваат навремено.

Центарот за управување со знаење (ЦЗУ) преку проектот MKSafeNet-Центар за побезбеден интернет останува посветен на подигнување на јавната свест за сајбер безбедноста и развој на едукативни програми во училиштата ширум земјата.

 Со заеднички напори, можеме да изградиме дигитална средина во која децата и младите ќе се чувствуваат безбедно, поддржано и информирано.