Летниот Европски младински олимписки фестивал (EYOF) 2025 свечено започна во саботата, на 20 јули, со моќна и емотивна церемонија на отворање во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, Северна Македонија. Ова е најголемиот спортски настан што некогаш се одржал во земјата.
Фестивалот официјално го отвори претседателката на Република Северна Македонија, г-а Гордана Силјановска Давкова, заедно со претседателот на ЕОК (Европскиот олимписки комитет), Спирос Капралос, и претседателот на Организацискиот комитет на Скопје 2025 и МОК на Северна Македонија, Даниел Димевски. На свеченоста присуствуваа и други високи гости.
Церемонијата беше пренесувана во живо низ цела Европа преку EOC TV, и беше збогатена со изведба на официјалната химна на EYOF – „Заедно сјаеме!“ Настанот беше вистинско прославување на локалната култура, музика и визуелна уметност, со атмосфера исполнета со гордост и единство меѓу спортистите, официјалните лица и волонтерите.
Церемонијата започна со уметнички настап од четворица тапанари од оркестарот Skopje Drumroll, а заврши со спектакуларна изведба на познатиот електронски музичар Кирил Џајковски.
Симболичен момент беше појавувањето на олимпискиот сребрен медалист во таеквондо, Дејан Георгиевски, како прв носител на Пламенот на мирот, а палењето на олимпискиот оган од страна на атлетичарот на долги патеки Дарио Ивановски беше прикажано преку видео од Калето.
Во рамките на традиционалните елементи беа изведени и државната химна од хорот на Националната опера и балет, кревањето на знамето на ЕОК, како и заклетвите на спортистите, судиите и тренерите.
Во Парада на нациите учествуваа повеќе од 4.000 спортисти и официјални лица од 50 делегации, вклучувајќи го и тимот на бегалци на ЕОК, кои гордо маршираа под своите знамиња.
Од името на ЕОК, претседателот Капралос им посака добредојде на сите учесници, истакнувајќи ја важноста на EYOF како уникатен настан за младите спортски надежи на Европа, на возраст од 14 до 18 години.
Спортистите ќе се натпреваруваат во 15 спортови на различни локации, вклучувајќи ја и уметничката гимнастика која ќе се одржи во Осиек, Хрватска, благодарение на соработката меѓу ЕОК, Организацискиот комитет Скопје 2025 и МОК на Хрватска. Во Осиек се одржа и посебна свеченост за да се одбележи почетокот на EYOF и за овие натпреварувачи.
Натпреварите на Скопје 2025 ќе траат до 26 јули, а комплетниот распоред може да се најде тука.
Сите натпревари ќе бидат преносени во живо или достапни за гледање на барање преку EOC TV.
Им посакуваме многу среќа на сите учесници – нека сјаат сите заедно во Скопје!