Иновации „Од Млади за Млади“ за побезбеден интернет!  

Националниот хакатон „MKSAFENET Innovators 2025!“ успешно заврши со избор на најкреативните, дигитални и едукативни решенија направени од млади за млади!

Дводневниот хакатон, кој се одржа на 13-ти и 14-ти декември 2025 година на три локации)Скопје, Битола и Тетово), беше интензивен и исполнет со идеи. Младите иноватори работеа напорно на создавање на софтверски алатки и материјали кои промовираат безбедно и одговорно користење на интернетот.

Тимот на Проектот МКSafeNet и Центарот за управување со знаење со задоволство ги објавува победниците од локацијата Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“ (МАГМА), Скопје.

Наградени Тимови – Локација Скопје

По возбудливите презентации пред судиите и публиката, кои се одржаа попладнево, жирито ги избра најдобрите тимови кои покажаа најголема иновативност, практичност и потенцијал за влијание врз своите врсници.

Прво Место: CyberByte (Петар Петрески,Мила Крстева, Давид Арсов)

Овој тим ги освои судиите со нивното решение кое постави нови стандарди во едукацијата за безбедноста на интернет.

Второ Место: CyberBit ( Благој Иванов, Игор Гошев, Дамјан Зимбаков)

Тимот CyberBit се истакна со креативен пристап и одлична изработка на нивниот дигитален материјал/алатка.

Трето Место: Secured IT (Леонид Манески, Тео Стојковски, Далибор Блажевски)

Тимот Secured IT  понуди практично и применливо решение за еден од предизвиците на дигиталниот свет. 

Честитки до сите 18 тимови кои се натпреваруваа на трите локации (Скопје, Битола и Тетово)! Вашата посветеност, енергија и иновативност се најголемата придобивка од овој хакатон. Вие сте двигателите на промените за побезбедно дигитално утре.

Проектот МКSafeNet им додели награди и сертификати на сите тимови, препознавајќи го нивниот исклучителен придонес.

„Оваа година, „MKSAFENET Innovators 2025!“ се одржа истовремено на три клучни универзитетски локации – Скопје (МАГМА), Битола (ФИКТ-УКЛО) и Тетово (СЕЕУ) – што овозможи широка вклученост на млади и ентузијасти во креирање на решенија за побезбеден интернет од цела Северна Македонија.“  истакна д-р. Андријана Богдановска Ѓ.

Следете нè за објави од другите локации, како и за подетални информации за победничките решенија!