На ден 27 август (среда) 2025 година, во рамки на проектот UrbanFloods, ко-финансиран од Европската Унија преку програмата IPA ADRION, беше успешно инсталирана мерна станица за проточност на вода на пилот-подрачјето на Крива Река во Општина Крива Паланка.

Поставувањето на станицата беше реализирано од страна на Центарот за управување со знаење (ЦКМ), како проектен партнер, во соработка со Општина Крива Паланка. Оваа активност претставува значаен чекор во пошироките заложби на проектот за јакнење на урбаната отпорност преку примена на интегрирани, напредни системи за поддршка при одлучување во управувањето со ризиците од поплави.

Новата мерна станица претставува современо технолошко решение за следење на проточноста на реката и собирање податоци во реално време. Овие податоци ќе овозможат:

  • Анализа на хидролошки трендови
  • Интеграција со централниот систем на UrbanFloods
  • Навремена реакција на институциите при зголемен ризик
  • Подобро планирање на управувањето со водните ресурси

Урбаните поплави се една од најчестите и најопасни природни појави кои брзо се развиваат, предизвикуваат значителни материјални штети и го загрозуваат секојдневниот живот на граѓаните. Крива Паланка, како урбана средина во близина на речен тек, е особено подложна на вакви ризици. Затоа, новата мерна станица има клучно значење за воспоставување систем на континуирано следење, навремено предупредување и заштита од урбаните поплави.

Оваа активност е дел од пошироката стратегија на UrbanFloods, која преку пилот-акции, иновативни технологии и регионална соработка, има за цел да создаде основа за поотпорни и побезбедни заедници во Јадранско-Јонскиот регион.

Поставувањето на мерната станица на Крива Река, спроведено од Центарот за управување со знаење (ЦКМ), а во партнерство со Општина Крива Паланка, го зајакнува капацитетот на локалната заедница за превентивна и навремена реакција, придонесувајќи за намалување на ризиците, заштита на населението и одржливо управување со природните ресурси.