Поплавите претставуваат една од најчестите и најштетни природни катастрофи кои сериозно влијаат врз животната средина економијата и безбедноста на луѓето особено во делови од Републикa Северна Македонија каде што речните корита се тесни а урбанизацијата не e планирана.
Eден таков пример е сливот на Крива Река која често излегува од своето корито при интензивни дождови или нагло топење на снегот предизвикувајќи значителни штети врз населението, инфраструктурата и земјоделските површини. Регионот околу Кратово и Крива Паланка редовно се соочува со поплави поради непостоење на доволна заштитна инфраструктура како и слаба координација меѓу локалните институции кои треба навремено да преземат превентивни мерки. Ситуацијата се влошува со климатските промени кои носат поројни врнежи со зголемен интензитет за краток временски период при што речните системи како Крива Река немаат капацитет за навремено одведување на водата што доведува до излевање ерозија и уништување на природниот и човечкиот пејзаж. Потребата од изработка на детални хидролошки студии редовно одржување на речните корита и изградба на заштитни канали и брани е итна а истовремено важно е да се едуцира локалното население за ризиците и можните начини на заштита бидејќи само преку соработка и одговорно планирање може да се намалат штетите и да се заштитат животите и имотот на луѓето во сливот на Крива Река
Урбаните поплави во сливот на Крива Река претставуваат сè поизразен проблем, особено во сегашните услови на засилени климатски промени и некоординиран урбан развој. Со зголемувањето на запечатените површини, како што се асфалтираните улици, тротоари и згради, природната способност на почвата да впие дождовни води значително се намалува. Во вакви услови, дури и умерени врнежи можат брзо да доведат до задржување на водата, преплавување на улиците и преоптоварување на одводните системи.
FFPI карта базирана на подложност на поројни поплави, пресметана за секој слив во земјата поголем од 10 км квадратни.
Како што е прикажано на картата, и според употребениот модел, источниот и североисточниот дел од Северна Македонија (вклучувајќи го и сливот на реката Крива Река) е најподложен на ненадејни поплави. Картата е значајна, со оглед на очекуваната зголемена фреквенција на обилни дождови, бури и ненадејни поплави.
Во градовите и населените места покрај Крива Река, како што е Кратово, оваа појава е особено нагласена. Старите и недоволно одржувани атмосферски канали не можат да се справат со зголемениот водостој при силни врнежи, што доведува до излевање на водата од речното корито и појава на урбани поплави во ниските делови од градот. Овие поплави предизвикуваат оштетување на патишта, деловни објекти, подруми и друга инфраструктура, како и здравствени и безбедносни ризици за жителите.
Дополнително, неконтролираната урбанизација во близина на речното корито ја зголемува изложеноста на луѓето и објектите на поплави. Намалениот зелен појас околу реката и недостигот на регулациони мерки, како што се заштитни ѕидови и насипи, го влошуваат проблемот.
За да се намали ризикот од урбани поплави, потребно е интегрирано управување со урбаното просторно планирање, ревитализација на одводните системи, зачувување и проширување на зелените површини и воведување на решенија базирани на природата – како што се пропустливи површини и системи за задржување на дождовница. Овие мерки треба да бидат дел од пошироката стратегија за адаптација на градовите долж Крива Река кон климатските промени и зачестените екстремни врнежи.