Центарот за управување со знаење со гордост ја споделува веста за завршениот Национален натпревар „Најдобар бизнис концепт за зелени иновации 2025“, кој се одржа изминатата сабота, обединувајќи ги најиновативните средношколци од цела земја.
Во финалето учествуваа 16 тима од различни училишта, поддржани од нивните ментори – професори, а седумчленото стручно жири, во кое учествуваше и директорката на Центарот за управување со знаење, Андријана Богдановска, имаше сложена задача да ги избере најдобрите.
Првото место го освои тимот RIZONIC од СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани, кој со својот иновативен зелен концепт ќе ја претставува Северна Македонија на меѓународниот натпревар POPRI – European Youth Start-up Competition, што ќе се одржи на 6 и 7 мај 2025 година во Крит, Грција.
Им посакуваме многу успех и инспиративно претставување на европската сцена!