На 4 јуни, на самиот крај од учебната година, Центарот за управување со знаење (ЦУЗ) во рамки на проектот MKSafeNet-Центар за побезбеден интернет, реализираше едукативна посета на двете средни училишта во Прилеп – СОЕПТУ „Кузман Јосифовски - Питу“ и СОУ „Орде Чопела“.
Во рамки на посетата беа одржани интерактивни инфо сесии за дигитална безбедност наменети за ученици и наставници.
Сесииите опфатија ученици од прва до четврта година, а темите што се обработуваа беа од особено значење за младите во денешниот дигитален свет: заштита на лични податоци, препознавање на онлајн измами и фишинг напади, спречување и пријавување на сајбер насилство, како и употреба на безбедни интернет алатки и постоечки механизми за пријавување штетна содржина. Учениците покажаа високо ниво на заинтересираност и активно учество – поставуваа прашања, дискутираа за предизвиците со кои се соочуваат онлајн и споделуваа лични искуства поврзани со интернет користењето. Динамичната и отворена атмосфера на сесиите беше вистински показател за нивната свесност и подготвеност за одговорно и безбедно онлајн однесување.
Голема вклученост и интерес покажаа и наставниците, кои се запознаа со најновите алатки и добри практики за заштита во дигиталната средина – и во рамки на училиштето и надвор од него и преку едукативната сессија научија како да ги зајакнат своите капацитети за поддршка на учениците и создавање на побезбедна дигитална училишна заедница.
Проектот MKSafeNet, како дел од пошироките активности на Центарот за побезбеден интернет, продолжува со својата мисија да ја подигне свеста и да ги едуцира децата, младите и возрасните за важноста од безбедна и одговорна употреба на интернетот – со нови активности во училиштата низ Република Северна Македонија се гледаме од септември!