Print
Category: Вести
Hits: 78

Со почетокот на новата учебна година, Центарот за управување со знаење (ЦКМ) продолжува со активности во рамки на проектот MKSafeNet – Центар за побезбеден интернет, со цел унапредување на дигиталната писменост и зајакнување на безбедноста на децата и младите во онлајн просторот.

На 30 септември 2025 година, тимот на ЦКМ оствари посета на две училишта во Велес: ОУ „Васил Главинов“ и СУГС „Кочо Рацин“, каде што беа одржани три информативни сесии со ученици и наставници од двете училишта.

Претставничките на Центарот – Ана Секуловска, Андријана Богдановска Ѓоргиевска и Бисера Смилевска – преку интерактивни презентации и отворени дискусии ги информираа и едуцираа присутните за значењето на безбедното, одговорно и свесно користење на интернетот. На инфосесиите тимот на ЦКМ ја промовираше и новата ресурсна база на Центарот за побезбеден интернет. 

Овие активности се дел од пошироката заложба на проектот MKSafeNet за развивање на критичка свест кај младите интернет-корисници, како и за зајакнување на капацитетите на наставниот кадар во справувањето со современите дигитални предизвици.

Нашиот тим, заедно со партнерите на проектот, ќе продолжи со спроведување на вакви сесии низ основни и средни училишта низ целата држава, со цел создавање на побезбедна и позаштитена дигитална средина за сите деца и млади во Република Северна Македонија.